Интервју / Теа Модерна (23 април 2008): „Слика икони како уметнички слики“

Повеќе од триесет години Василка Пановска е посветена на сликањето икони. Како дипломиран ликовен уметник, таа инсистира на оригиналност во сликањето на иконите, односно секоја икона да биде своевидна уметничка творба во која се препознава нејзиниот стил на работа.

- Иако кај иконите на старите мајстори ликовите на светците се претставени со поостри црти, лично сметам дека не мора докрај да се придржувам кон таквиот канон, па затоа светците на моите икони ги сликам со поблаги црти на лицето.

Според мене, иконите на тој начин добиваат поголема позитивна енергија и секој што ги гледа, верувам дека во нив може да пронајде спокојство и мир во душата, вели Василка.

Во нејзината 30-годишна посветеност на сликањето икони таа има творечка поддршка од сопругот Сашо и од ќерката Ангелина, исто така ликовни уметници.

- Мојата кариера на ликовен уметник по завршувањето на Вишата ликовна школа во Скопје, во класата на многу познатите сликари Вангел Коџоман и Спасе Куновски, ја почнав како млад творец - со трагање по сопствениот творечки израз, обидувајќи се во различни сликарски техники. Но судбината сакала во тој период да ми се случи голема животна трагедија, да почине мојот брат со кого имав силна емотивна врска, па барајќи некаква утеха за болката, почнав да сликам икони. Бидејќи почувствував дека тоа беше добар начин за да го ублажам емотивниот стрес, многу предано се посветив на тој вид уметност и ете денес, повеќе од 30 години сликањето икони е моја главна професионална преокупација - објаснува сликарката, Василка Пановска.

Настојувајќи на она што го твори да му даде личен печат и вистинска уметничка димензија, Василка во сите овие години сериозно ја истражува црковната уметност проучувајќи ги делата на старите мајстори по македонските цркви.

- Кога работам една икона настојувам да дознаам сè за животот и житието на светецот кој е претставен на неа. На тој начин ги учам и црковните правила и канони околу претставувањето на светците, што може, а што не може да се најде како детаљ во претставувањето на еден светец. Така, на пример, ликот на свети Никола никогаш не може да биде претставен со црти на млад човек, туку тој секогаш е со бела брада и мудар израз на лицето. Свети Јован пак, е препознатлив по неговата разбушавена коса, а свети Илија секогаш се претставува како пустиник, обраснат во бела коса и брада, наметнат со гуња и гавран покрај него, кој му подава корка леб, единствената храна за него.

Но тоа се општите правила кон кој се придржува секој иконописец. И јас во моите икони ги почитувам тие канони, но во начинот на изработката на иконите настојувам да дадам личен печат, нешто што моето дело ќе го направи препознатливо по неговиот посебен ракопис - вели Василка.
Нејзиниот посебен творечки израз најмногу се воочува во начинот на изработка на иконите, како и во изразот на ликовите на светците.

- Во денешно време напредокот на техниката овозможува да се направат апсолутно квалитетни фотокопии на оригиналните икони, а потоа, со малку труд, да се изработуваат икони кои се продаваат како рачна изработка. Пазарот на икони кај нас, но и во светот, е преплавен со такви „дела" и навистина е многу тешко со вистински вложен авторски труд да им се конкурира. Многумина ќе речат дека сликањето икони не е вистинска уметност, бидејќи изработката на икони е копирање. Напротив, јас настојувам во секоја икона да се препознава уметничка творба, дека таа е уметничка слика. Иконите ги сликам со темпери бои, но користам и стара техника со жолчка од јајце. Ова е бавен процес на работа кој бара време, бидејќи се чека да се суши бојата, слој по слој. Всушност, слоевитоста е специфичност на иконите што ги работам и јас инсистирам на нив да се препознава таа повеќеслојност, односно секој слој боја да зрачи врз оној над него. Освен тоа сметам дека ликовите на светците треба да зрачат со позитивност во изразот, па затоа си дозволувам светците на моите икони да имаат поблаги црти на лицето од оние што се претставени во делата на старите мајстори. Според мене, на тој начин иконите стануваат поблиски до оние што ги гледаат и нудат мир и спокојство - вели Василка.

Во нејзината 30-годишна посветеност на сликањето икони таа има творечка поддршка од сопругот Сашо, иста така ликовен уметник, а последните години и од ќерката Ангелина, која професионално е тргната по патеките на своите родители.

- Тројцата одлично функционираме како тим. Со сопругот сме изработиле иконостаси на многу цркви низ Македонија, меѓу кои се и оние во црквата „Света Недела" во селото Смилковци, Скопско, потоа црквата „Света Троица" во Лисиче каде сликавме и дел од фреските, па црквата „Свети Спас" во Неготинско, „Света Троица" во Кратово. Ќерката Ангелина, која практично растеше со нашата уметност, по завршувањето на Ликовната академија исто така покажа интерес за сликањето икони.

Семејството Пановски од пред два месеци отвори галерија во Скопје, сместена спроти седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во непосредна близина на ИК банка и таму го пласира целото свое творештво.

- Галеријата го носи името „Азно", што ја симболизира основата на нашата дејност која тргнува од традицијата на македонското црковно сликарство, но истовремено и на нашата семејна традиција, бидејќи покрај мене и сопругот, и ќерката патува по нашите патеки. Единствено синот има друга професија, но секако е добар познавач на овој вид уметност" - вели Василка.

Од многубројните икони што ги има насликано досега, таа особено е горда на „Пресвета Богородица Троерачица", во која се обидела според начинот на изработка да се доближи до оригиналната икона насликана од свети Дамаскин во 9 век.

- Како што е познато, затоа што го проповедал христијанството, свети Дамаскин бил изложен на големи тортури и мачења и на крајот му биле отсечени рацете. Но, Господ потоа му ги вратил рацете и му подарил моќ да слика, да работи икони. Тој во чест и во слава на Бога, ја насликал иконата Света Богородица која го држи во раце детето Исус Христос и на која има и трета рака. Оваа икона била украсена со 2.500 скапоцени камчиња. Во 11 век свети Сава ја пронашол во Ерусалим, ја донел во Скопје и ја подарил на скопската црква, којашто поради оваа икона била наречена „Пресвета Богородица Троерачица". Тоа е црквата на која денес е изграден новата „Света Богородица". Иконата потоа низ годините била земена од Скопје и однесена во манастирот Хиландар на Света Гора. Според мои информации, таа икона сега се наоѓа во некој манастир на Фрушка Гора, каде луѓето масовно одат да ѝ се поклонат бидејќи ја сметаат за чудотворна. Јас цела година барав начин како со мојата изработка да се доближам на оригиналната икона.

Се обидов сликарски да доловам трета димензија на иконата затоа што таа нема рамна површина, туку е со релјефна структура. Оригиналната икона има златен оков со скапоцени камчиња, а јас се обидов нив да ги заменам со бижутерија. Украсувањето на иконите со камчиња го правам и на други икони, бидејќи тоа било познато во традицијата на старите мајстори. Имено, во 11, 12 и 13 век се изработувале вакви украсени икони по нарачка на кралеви и богати месеци. Многумина велат дека кај наши икони тоа досега не е видено, но моето објаснување е дека такви икони постоеле и во нашите цркви, но дека со многубројните премрежиња и војни што поминале на ова тло, таквите икони „заминувале" во непознат правец.

Василка е задоволна што нејзината страст кон оваа уметност за сите овие години ѝ овозможила да запознае голем број луѓе и да стекне многу пријатели. Нејзини икони има насекаде низ светот, кај луѓе кои во еден период од својот живот се нашле во Македонија и се запознале со тоа што таа го работи.

- Пред неколку години во нашиот дом дојде еден Шпанец, кој учествувал на некаков научен собир и токму на заминување се сетил дека не купил икона. Неговите пријатели го донесоа кај нас дома и тој ја избра иконата „Пресвета Богородица" од која беше одушевен. Потоа, кога стигна дома, по Мејл ни испрати фотографија од своето семејство сликано пред иконата која има почесно место во нивниот дом.

Објаснувајќи дека на своите икони ретко кога се потпишува зашто таквата пракса - иконописците да не ставаат свој потпис на иконите, постои уште од дамнешни времиња, Василка вели дека е задоволна што успеала за сите овие години да создаде сопствен стил во сликањето икони, и да им даде дух на вистински уметнички дела.

Објавено: петок, 13 март 2015 - 14:45