Целосно рачно изработени, иконите на „Азно" се спој на христијанската традиција и усовршената сликарска техника на старите иконописци. Почнувајќи од внимателното одбирање на дрвената подлога на која се слика, преку повеќеслојното нанесување боја, па до украсувањето со камчиња или нанесувањето позлата, изработката на овие икони е семејна традиција на семејството Пановски, академски сликари кои се занимаваат со овој занает повеќе од триесет години.
Иконите од оваа збирка се изработени верно на христијанските канони, со внимателно проучување на житијата на светците. Сликарската техника се состои во повеќеслојно нанесување темпера, во која се додава жолчка од јајце. Дрвената подлога се изработува од липа, орев или друг вид соодветно сушено дрво. По желба на купувачот иконата се украсува со камчиња, рељефна рамка или со позлатени листови. Сите фази се работат рачно, па оттаму секоја икона претставува уникат, и содржи детал кој ја разликува од друга слична на неа.