Интервју / Базар 19 (24 јуни 1988): „Семејна уметничка работилница“

Скопските уметници-сликари Василка и Сашо Панов, веќе дваесет години трагаат за одговор на вечното прашање колку вредат како уметници. Живеејќи во својот свет на бои, помеѓу реалноста и фантазијата, како уметници и како животни сопатници, се дополнуваат и инспирираат еден со друг.

Уметноста така ги „зграби" сите членови на ова семејство, наметнувајќи им посебни погледи на светот, посебни канони на живот, начини на размислување...

Василка и Сашо Панов го паметат и помалку тагуваат за она Скопје пред земјотресот. Другари од соседството и од спортските терени живееле тогаш во самиот центар на градот, во близина на тениските игралишта на кои и двајцата имале големи успеси.

И Василка и Сашо биле тениски прваци на Македонија неколку години по ред. Сеќавајќи се на тие времиња, Василка денес вели:

- Сè беше поразлично... Можеби не беше баш сè поубаво, но тоа време го паметиме по мераклискиот, радосен и мирен начин на живот. Можеби тоа е само затоа што сите од сеќавањето ги бришеме лошите спомени, а во денешно време опкружени сме со криза и грижи. Зад нас веќе далеку се безгрижните студентски денови и времето во кое се посветувавме само на уметноста и на самите себе.

Друго време

Во тоа „друго" време, Василка и Сашо зачекориле во 1971 година кога се венчале - Василка како завршен студент на Ликовно-педагошката академија во Скопје, а Сашо како веќе изграден сликар (постар е пет години) од софиската академија на оваа уметност. Животот тогаш тргнал по некој тек, кој за момент се заканил дека ќе ги одвои од уметноста. Сашо почнал да работи во Телевизија Скопје како уредник на дневникот, а Василка се вработила во „Трготекстил", каде добила раководно место во одделението за аранжирање на излози.

- Одвоеноста од уметноста траеше кратко - објаснува Сашо Панов, само додека не се снајдовме на работата и сфативме дека на неа одат осум, а денот има 24 часови...

Кај мене тоа траеше малку подолго - вели Василка. Се родија и децата, и повеќе бев ангажирана како мајка и жена, отколку како сликар. На сликарството потполно му се предадов и потполно му се посветив пред шест години кога почина мојот единствен брат Владислав. Само сликајќи можев од свеста да ја потиснам мислата на тешката трагедија и неговата смрт која никогаш нема да ја преболам.

На иста патека

Во животот, како и во уметноста, Сашо и Василка чекорат по иста патека. За тоа велат:

- Кога ја следите историјата на уметноста, доаѓате до цивилизации кои го достигнале врвот со уметноста. Од Месопотамија, Египет, Византија, доаѓате до ова поднебје каде меѓу 12. и 15. век царува врвното фреско и иконографско сликарство, кое со својот колорит, фигури, психолошките моменти, пред сè преку италијанската ренесанса. Со неа се гордееме, но не се трудиме да ја продолжиме, усовршиме, развиеме.

Василка и Сашо ја врзале својата долгогодишна плодна работа токму за ова вредно, а запоставено подрачје на ликовното творештво. Од нивната уметничка работилница досега излегоа преку 150 копии на стари икони. Изработени на суво дрво од липа или орев, со постапка која е нивен изум и тајна, „аеро" - со темпери бои во кои додаваат јајца, копиите на старите икони не се разликуваат од своите оригинали ниту по канонот, ниту по житието на светците, но ниту по најситниот детаљ како пукнатини, гребеници...

Колку време е потребно за тоа?

- Најмалата икона бара барем еден месец предана работа, а што се поголеми иконите, изработката трае подолго - вели Сашо Панов.

Сите тие икони настануваат во кујната на станот - атеље, во кое сите овие уметници творат веќе седумнаесет години. Просторот во кој живеат, првично требал да служи само како атеље, но поради тоа што немаат друг кров над глава, овој го прилагодиле на своите потреби и не им смета што е така.

Посебен алат

- Повеќе ни недостасуваат четки, отколку простор - во шега вели Василка Панов. А потоа додава дека за иконографијата е потребен посебен алат - специјални четки со исклучително тенки врвови кои тешко се наоѓаат, а брзо се трошат.

Василка и Сашо употребуваат исти бои, на ист начин размислуваат и исто чувствуваат додека сликаат. Затоа не е необично кога една икона ќе почне Сашо, а ќе ја заврши неговата сопруга или обратно. Во својата взаемна соработка, по зборовите на Василка, Сашо сепак има главна улога.

- Сашо ми е сопруг, но и учител, а за мене вели дека сум неговиот најдобар ученик.

Така овие уметници се пронашле себеси во чување од заборавот на она што е, по нивни зборови, најубавото во уметноста на овие простори, а својот интимен простор го сочувале од сите стресови во денешното време. Живеат со децата, одлични ученици и добри луѓе, се дружат со слични на себе, а тоа што се колеги надвор од работното време е голема предност и гаранција дека својот остров ќе го сочуваат од бурите и невремето.

Објавено: среда, 11 март 2015 - 13:37